
Јана Петреска
и како да се припаѓа на едно место
Оваа година, новите ученици разговараа со Кристијан Фидановски или Бобо Станковиќ, двајца од членовите на нашиот комитет. Повеќето од разговорите се случуваа во нивните познати средини – улиците на нивните родни градови или под сенка во локалниот парк. Се надеваме дека овие профили ќе ви помогнат да ги запознаете малку подобро 🙂
Filter
и како да се припаѓа на едно место
и како да се припаѓа на едно место
Јана дотрча пред статуата на Св. Климент на охридскиот плоштад некои 15 минути откако успешно го положи првиот дел од возачкиот испит. Задоцнила на полигонот бидејќи претходната ноќ ја чистела работната кошула, која ја носи како келнерка, откако на неа истурила цеден сок од портокал. Кога инструкторот, веќе пристигнат на полигон, сфатил дека Јана ја нема, се јавил на вујко ѝ, кој и заѕвонил на мајка ѝ, која ја барала Јана — која, секако, била целосно заспана. Затоа, мајка ѝ се јавила на фината и грижлива комшика која ѕвонела на ѕвончето и тропала на вратата додека Јана конечно не се разбудила за да стигне на полигон и да положи .
Африканската поговорка вели “потребно е цело село да се израсне дете“, а “селото“ на Јана е градот Охрид — место со долга историја и место на УНЕСКО листата на светски културни и природни наследства. Јана е Охриѓанка која навистина го познава родниот град. За време на 45-минутната прошетка, Јана запре да се поздрави со барем седум различни луѓе, шегувајќи се дека тоа се случува бидејќи го има пробано секој можен спортски клуб во околината. Кога спортот не е доволен, Јана знае да биде гитаристка и рокерка, готвач кој ги прави најдобрите палачинки во Охрид, креатор на дело насловено “уште еден филм од режисерка кој нема да биде номиниран за Оскар“ и — доколку се сомневавте во нејзиниот охридски кредибилитет — има земено и часови за риболов. Толку добро го познава Охрид што сега вози велосипед околу целото езеро само за да најде нов агол од кој може да го види градот.
Нормално, кога познаваш едно место толку добро како Јана, почнуваш да воочуваш и некои од неговите маани. Дел од нив ги кажува на шега — ме советуваше дека Оригиналните охридски бисери обично не се оригинални, ама жителите добиваат процент од продажбите за да не им кажуваат на туристи. Дел се суштински — добар дел од Охриѓани се селат, па дури и брат ѝ на Јана сега живее и работи во Скопје и само понекогаш се враќа да го абсорбира мирот на езерото. Жителите што остануваат се соочуваат со недостаток на работни места и ризик за загуба на природното наследство.
Јана нема решено точно како планира да ги реши проблемиве, ама има размислено за неколку опции. Прво помислила на медицина, ама образованието во UWC Ватерфорд ќе го започне во јануари (колеџот се наоѓа во јужната хемисфера), па ќе има 20 години кога ќе заврши со искуството и доста повеќе кога би станала доктор. Размислила и за инженерство — можеби нешто со градежништво, слично на брат ѝ. Но јас бев највоодушевен од нејзината идеја да навлезе во светот на готвењето. Јана има забележано дека нови ресторани понекогаш се појавуваат низ Охрид, но мисли дека тие често не успеваат да ја опфатат авентичноста на градот. Затоа, би сакала да зборува со бабите во нејзината заедница, па да создаде еден Охридски ресторан со локална книга со рецепти. Можеби и ќе вметне некои идеи и од кујната во Есватини. Охридски ресторан со локална книга со рецепти. Можеби и ќе вметне некои идеи и од кујната во Есватини.
Бидејќи има цело полугодие до почетокот на нејзиното UWC искуство, Јана досега немаше шанса да избере предмети или да ги запознае идните соученици. Мислам дека тоа е во ред; ќе има доволно време да се внесе во UWC меурчето зимава. Дотогаш, има шанса конечно да го види Охрид со нови очи — знаејќи дека наскоро ќе замине, но решена да се врати.
Бобо Станковиц, јули 2021
и како да се избегнат случајности
и како да се избегнат случајности
Околу 18:40, дваесетина минути пред закажаниот почеток на една од инфо-сесиите за овогодишниот селекциски процес, добив мејл од Зум. Бернарда Малевска се придружи на твојот состанок. Сакајќи да избегне каков било проблем — и да се осигура дека се’ оди по план — Бернарда го тестираше линкот долго пред да започне сесијата.
Неколку недели подоцна, откако веќе беше избрана, наидов на Бернарда на Националното дебатно првенство (јас обсервирав – таа учествуваше). Бев доста изненаден: за време на нејзините интервјуа, таа ни немаше спомнато ништо за дебата, а сега ја слушав како се натпреварува во полуфиналето на турнирот, и тоа во нејзината прва година дебатирање. И како тоа да не беше доволно, тимот на Бернарда се состоеше од само два члена , иако сите нивни противници имаа по три. (Изгубија во полуфиналето, но јас мислам дека тоа беше само затоа што двајца членови на спротивниот тим исто така беа избрани да одат на UWC).
Како ѝ успева сево ова? Накратко, не ѝ недостасува подготовка. За време на нашата прошетка во Парк — на која јас поранив 6-7 минути само за да видам дека Бернарда е веќе пристигната — детално ми ги објасни аргументите за укинување на патентите за вакцини против Ковид-19 (по што веднаш ми ги понуди и контрааргументите). Бернарда очигледно имаше истражувано; или, со нејзини зборови, едноставно сакам да знам. Можеби тоа го добила од разговорите со татко ѝ, кого ужива да го слуша кога ѝ зборува за историја, или мајка ѝ, која ентузијастично ѝ го поддржувала новиот интерес да научи да свири клавир. Се согласивме дека татко ѝ би бил подобар тренер по дебата, а мајка ѝ би била подобра наставничка на UWC.
Веројатно полето врз кое Бернарда има најмалку контрола е спортот. Таа е огромен фан — започнала да следи тенис со татко ѝ, па тренирала одбојка осум години (факт кој не ми го спомна додека конкретно не ја запрашав). Во моментот е една од веројатно десетина Македонци кои активно следат Американски фудбал. Како голем фан на Патрик Махоумс, сигурно не беше воодушевена кога Chiefs изгубија од Buccaneers во финалето на Super Bowl, особено бидејќи најдобриот ѝ другар мисли дека Брејди е подобар играч. Ако моравте да изгуглате дел од параграфов, можете да замислите како јас се чувствував за време на прошетката!
Бернарда дозна дека ќе оди на UWC Robert Bosch College на нејзниот роденден. За малку и немало да ја крене слушалката кога ѝ заѕвонивме — рацете и биле полни со намирници за малата дружба која ја испланирала. Возбудена е да ги види алпаките и овците, веќе ги има избрано предметите, и ме распрашуваше за моето искуство. Најкорисниот совет што го понудив беше да внимава околу електричната ограда, иако мислам дека е премногу зрела за да ги повтори моите грешки.
На првиот ден во „Орце Николов“, Бернарда не знаела никого во нејзиниот клас. Ама не е човек што чека добрите работи сами да се случат. Па, ѝ пришла на една девојка, ја прашала сакаш ли да седиш со мене?, и го започнала своето прво средношколско пријателство. Немам сомнеж дека истото ќе го направи и во Фрајбург во август.
Бобо Станковиќ, јуни 2021
и потпирање на околинатa
и потпирање на околинатa
Видот на мед од едно пчелно семејство зависи од неговата околина. Ако сандакот — дрвена кутија која функционира како нивен дом — е ставен, на пример, близу до реката Вардар, пчелите работнички ќе имаат пристап до најразлични цвеќиња кои уживаат во отворената, влажна средина. Резултатот ќе биде светол, ливадски мед. Доколку, пак, сандакот е ставен меѓу дрвја, во затворена средина, пчелите ќе произведат потемен, шумски мед. Каде и да се, пчелите ќе ги искористат можностите околу нив — па ако нема доволно цвеќе во една средина, лесно може да се „преселат“ за да го достигнат својот потенцијал.
Нела има израснато во Кавадарци, на крајот на градот, во дел за кој се пошегува дека дури минатата година добиле улично осветлување. Им помага на родителите-пчелари уште од мала, па можеше сликовито — буквално, со слики на телефонот — да ми ги долови нијансите на занаетот. Досега го има искусено скоро секој дел од макотрпниот процес на правење мед, од правењето рамки и формирањето шестаголници (во кои пчелите го складираат медот), до ставањето на медот во центрифуга која го дели од восокот (што пчелите го користат како пакување), до преместувањето на сандаците од едно опкружување во друго (за пчелите да добијат повеќе пристап до полен).
Како и пчелите-работнички со кои често си има работа, Нела има извонредна способност да го извади максимумот од нејзината околина, па дури и да придонесе кон нејзината промена. Не сум запознаен со активност во Кавадарци која Нела ја нема барем пробано . Карате. Танц. Пијано. Стрелаштво. Драма. Кога можностите ѝ се пружени, Нела ги користи, а кога не се, спремна е самата да ги создаде. Има основано гранка на Fridays For Future движењето во родниот град, работејќи да ја запознае нејзината заедница со ефектите на климатските промени. (Дел од нив ги има искусено и нејзиното семејство, бидејќи повисоки температури често значат помалку мед.) Освен преку организацијата, на друштвото влијае и на лично ниво: нејзините пријателки сега носат сопствени кеси кога купуваат од продавница.
При крајот на деветто одделение, кога било јасно дека нема доволно ученици во Кавадарци за да се формира јазична паралелка, Нела отишла во Велес и се запишала во стручното средно училиште, со план да стане медицинска сестра. Таа одлука значи дека Нела веќе има искуство од живот во интернат, и дека веќе има научено дека е потребен континуиран труд за да успее, особено кога нема некој да ја потсети да си ја заврши работата. Затоа, верува дека е спремна за хемија и биологија на UWC, иако е отворена да се пронајде себеси и да испроба низа нови предмети.
Во август, кога ќе пристигне во Велс и ќе ја започне својата прва година на UWC Atlantic, Нела можеби ќе се придружи на пчеларскиот клуб. Можеби и нема; тој свет ѝ е веќе познат. Без разлика што ќе одлучи, едно нешто е сигурно: оваа Нела-пчела-работничка сега се сели во средина со многу, многу повеќе цвеќиња. Едвај чекаме да видиме каков мед ќе произлезе од селидбата.
Бобо Станковиќ, јуни 2021
и тешко заслужените насмевки
и тешко заслужените насмевки
Знам дека ова го кажуваме за сите наши ученици, ама во овој случај е ептен точно: да се разговара со Ана Марија е како да се разговара со возрасен. Секогаш кога ќе направам некоја самокритична шега за сите глупави нешта што сум ги правел на UWC кога сум бил на нејзина возраст, таа одмавнува со рака. Е ааааако де, млад си бил, ќе ми рече. Не сум сигурен дека себеси се смета за млада, барем не во онаа надмена смисла на зборот. Прилично сум сигурен дека е во право.
Речиси низ целиот наш разговор, Ана Марија има неутрален израз на лицето. Не знам дали секогаш ѝ е вакво, но сакам да верувам дека ѝ е. Ова не значи дека таа никогаш не се смее, туку дека секоја нејзина насмевка треба да се заслужи (како што реков, не е дете!). Значи и дека не се чувствува непријатно, што исто така ја разликува од повеќето од нас, било деца било возрасни. Ана Марија просто не чувствува потреба да го „хајпне“ разговорот. Таа сака нештата да течат по својот тек.
А сепак, во еден момент, додека Ивана ни раскажува нешто, Ана Марија ја чека да заврши и одеднаш гласно заклучува: „Ивана, ти си неверојатна личност!“. Да, ваквата топлина кај Ана Марија треба да се заслужи. Што ја прави уште помоќна кога конечно ќе исплива на површина.
За време на селекцискиот процес, Ана Марија беше од оние (ретки) апликанти кои се толку лесни за оценување, а толку тешки за интервјуирање.
„Ана Марија, кажи ми, кога би можела да го предаваш својот омилен предмет, кој предмет би го предавала?“
„Не е важно кој предмет, туку како би го предавала“.
„Хммм ОК, а кажи ми, дали во скоро време имаш гледано некоја серија што не ти се допаднала?“
„Не е важно дали не ми се допаднала, туку зошто. Прво мораме да утврдиме дали сум имала објективен проблем со серијата, или едноставно не ми била по вкус.“
„Хммм, е па добро…“
Да, јасно ви е што сакам да кажам. Меѓутоа, да не се разбереме погрешно, Ана Марија не ги избегнуваше нашите прашања, туку ги проблематизираше, а такво нешто добиваме само од нашите најсилни апликанти. Да го земеме за пример одговорот за омилен предмет, кој всушност гласеше отприлика вака:
„Не е важно што би предавала, туку како. Без оглед на предметот, би им дала на учениците прво тие да зборуваат и да го изразат сето она што погрешно го научиле, за потоа заедно да го побиеме. Нема логика да се предава ако не е воспоставена цврста основа.“
Додека ги слушав нејзините интервјуа, сфатив дека Ана Марија е човек што успева да каже повеќе со зборување одошто повеќето луѓе успеваат со пишување. Секој нејзин збор е одмерен, секоја реченица заслужува да биде цитирана. Еве што Ана Марија има да каже за… па, за животот: „Ништо не *мораме* да правиме, тоа е и поентата. Прашањето е што сакаме да правиме, што бираме да правиме, за што сме пасионирани. На тоа треба да се фокусираме“.
Ана Марија ќе оди на UWC Li Po Chun во Хонгконг. Тоа е воедно и првиот UWC колеџ за кој имала прочитано нешто, па изгледа ѝ бил судбина (макар што таа никогаш не би кажала вакво клише, овој дел го додадов јас). Ана Марија слуша корејски поп, па дури и зборува малку корејски – секако, откако сама се научила.
Последниве две години, Ана Марија го поминува времето помеѓу Македонија и Хрватска, откако нејзините се иселиле таму по работа. Кога е во Скопје, таа живее со баба ѝ и дедо ѝ (можам само да замислам како тоа изгледа, со оглед дека Ана Марија користи барем по еден англиски збор во секоја реченица). Ана Марија делува толку самостојно што барем за неа не се двоумевме ни секунда дали да ја испратиме на другата страна на светот. Таа вели дека веќе знае (иако сите велевме така, а сепак…) што сака да студира (меѓународна бизнис-дипломатија), па дури и кои предмети треба да ги слуша од Меѓународната матура за да успее во тоа.
Понекогаш, Ана Марија звучи како некој што човек навистина не би се осмелил да го изнервира. Секогаш кога зборува за општествени прашања, таа звучи вознемирено. Но, тогаш ќе ја загледаш поубаво и ќе видиш како ѝ светкаат очите. И веднаш сфаќаш дека Ана Марија е човек што може цел живот да го помине на исправање неправди, а сепак да биде среќна. И тоа среќна баш затоа што го одбрала потешкиот пат низ животот. Па, има ли подобро место за ова од UWC?
Кристијан Фидановски, јули 2021
и спој на неуморност со несебичност
и спој на неуморност со несебичност
Ивана е од оние луѓе за кои ти се чини дека се постојано во движење, дури и кога стојат. Во видеото што ни го испрати како дел од селекцискиот процес, Ивана се шета во парк, се мота низ чаршија и се слика со споменици. Кога ја запознав малку подобро, сфатив колку всушност темата на видеото била соодветна: Ивана е човек што никогаш не престанува да истражува.
„Има ли нешто од што не беше задоволна кај себе во вториот круг?“, ја прашавме Ивана за време на финалниот круг.
„Па, на моменти ми се чинеше дека се тркав со тоа што го мислев и со тоа што ми излегуваше од уста, така да дефинитивно би била малку посмирена сега.“
„Нееееее“, ми дојде да се развикам кон екранот. Зошто би сакала да се отараси од особина за која други можат само да сонуваат? Токму таа неуморност, меѓудругото, е она што ја прави Ивана посебна, иако таа можеби не е свесна за тоа. Впрочем, како инаку би смислила една толку убава метафора како „тркање со мислите“ среде интервју?
Понекогаш ми се чини дека Ивана функционира според посебна временска скала – некоја во која денот има повеќе од 24 часа. Еден мајски викенд, се двоумев дали е добар момент да се видиме бидејќи знаев дека има испити за крај на година. Ама на Ивана тоа воопшто не ѝ пречеше: испадна дека таа недела и онака ќе волонтира на филмски фестивал, па што ја кошта да „утепа“ уште некој саат. Испадна и дека нашла време да прочита за најпознатите алумни на UWC Mostar, да ги разгледа биографиите на членовите на нашиот селекциски комитет, па и да присуствува на нашиот родителски состанок, иако тој беше наменет за… па, родители ☺
Како што веќе можевте да сфатите, Ивана целосно живее во духот на UWC уште пред воопшто да стапне на кампусот во Мостар. За разлика од некои други наши ученици, кои сè уште не ни стапиле во контакт со своите second-years (учениците од четврта година), Ивана веќе се договара со Весна да купат фрижидер (мислам дека за ова се зафркаваше, ама па кој може да знае со Ивана). Инаку, првото нешто што ни го кажа на интервју беше дека чита романи на српски. Ете, изгледа ја испративме на вистинскиот колеџ. А кога ќе стигне таму, Ивана планира да се фокусира на англиски јазик и книжевност, визуелна уметност и меѓународна политика.
Ајде сега да се вратиме на видеото од почетокот на текстов. Иако темата беше „ова сум јас“, видеото на Ивана беше за – Скопје. Прилично чуден избор за во апликација за учење надвор, си помислив. Но, три минути подоцна, сфатив дека штотуку сум го гледал најдоброто од преку 50 вакви видеа кои ми поминале низ раце последниве години. Сепак, се прашував дали Ивана се плаши дека можеби ќе го протолкуваме видеото како потенцијален аларм за носталгија?
Од таков страв секако немаше потреба, бидејќи видеото всушност и не е за Скопје, ниту пак за кое било конкретно место. Тема на видеото е повторно таа постојана раздвиженост на Ивана. Иако се работи за видео на тема „ова сум јас“, камерата ретко кога ја покажува Ивана во крупен кадар. Со оглед на силниот уметнички афинитет на Ивана, ова бездруго не е случајност. Влегувајќи и излегувајќи од десетици прекрасни кадри расштркани низ Скопје, таа остава своја трага врз секој од нив. Пораката е дека Ивана не е ништо повеќе – или поточно, ништо помалку – од збирот на местата на кои се наоѓа и нештата кои ги прави за или со луѓето околу себе.
И навистина, нејзината несебичност е безгранична. На пример, кога на крајот на интервјуто ја прашавме дали има таа нас да нè праша нешто, Ивана сакаше да знае како може да му се приклучи на селекцискиот комитет откако ќе матурира. Леле бе, Ивана! <3
Инаку, во видеото „ова сум јас“ се слуша песната на Нина Спирова, „Зборувај ми за Скопје“. Еден од стиховите гласи: „најсреќен си само дома“. Нам ни останува само да чекаме Ивана да го испреврти ова мото наопаку и да го претвори целиот свет во свој дом. Прва станица: UWC.
Кристијан Фидановски, јуни 2021