Детален опис на оценувачкиот процес

Детален опис на оценувачкиот процес

Прв круг

Секоја апликација од првиот круг е оценета од најмалку двајца оценувачи. Кога се дистрибуирани, апликациите се анонимни – секоја апликација добива код под кој е оценувана. Оценувачите немаат пристап до личните податоци наведени во апликацијата или оцените на кандидатот. Единствената информација која ја добиваат оценувачите (освен, секако, одговорите на кратките прашања и есеи) е родниот град и средното училиште на кандидатот.

Максималниот број на поени што може да се добијат од онлајн апликацијата е 100. Од тие поени, 5 поени се доделуваат врз основа на академскиот успех (просекот) во последните три училишни години, 45 поени врз основа на одговорите на кратките прашања и 50 поени врз основа на двата есеи.

Бидејќи веруваме дека поскорешни оцени се подобар знак за академскиот успех на кандидатите, кога го вреднуваме просекот, пресметуваме композитен просек по следнава формула:

За кандидати од втора година:
20% просек од осмо одд. + 35% просек од деветто одд. + 45% просек од прва година

За кандидати од трета година:
20% просек од деветто одд. + 35% просек од прва година + 45% просек од втора година
Композитниот просек потоа се претвара во поени на следниов начин:
4,50 – 5,00 = 5 поени
4,00 – 4,49 = 4 поени
3,50 – 4,00 = 3 поени
3,00 – 3,49 = 2 поени
2,50 – 3,00 = 1 поен
< 2,50 = 0 поени

Како што можете да видите, просекот навистина не игра голема улога во целокупниот процес!
Кратките прашања се оценуваат како целина врз основа на шесте основни критериуми дефинирани од Меѓународната канцеларија на UWC движењето. Секој од овие критериуми е еднакво вреднуван. Критериумите се:

Интелектуално љубопитство
Активна ангажираност
Лична одговорност
Општествена зрелост
Мотивација за UWC
Академска подготвеност


Кратките прашања имаат удел од 50% во целокупниот скор на секој кандидат.
Секој од есеите носи 25 поени. За секој есеј, поените се доделуваат врз основа на:

Суштината на одговорот: колку добро кандидатот го одговара прашањето? (10 поени)
Структурата: колку добро кандидатот ги презентира идеите? (10 поени)
Јазичното изразување: колку добро кандидатот го користи јазикот за да ги искаже своите идеи? (5 поени)

Двата есеја заедно придонесуваат до 45% од оценката.
Секоја анонимизирана апликација е оценета од најмалку двајца членови на комитетот. Паровите на оценувачи се произволни — тоа значи дека оценувач А ќе прегледа некои апликации кои се исто така прочитани од оценувач Б, а други апликации кои се прочитани од оценувач В, и така натаму. 

Бидејќи оценувачите имаат различни стилови на оценување, особено од аспект на строгоста на доделување поени, сакаме кандидати чии апликации се прочитани од “построг“ оценувач да имаат еднакви шанси како и другите да поминат во вториот круг. Затоа, финалните оцени на секој оценувач се стандардизираат за сите оценувачи да го имаат истиот просек и стандардна девијација.

Откако оцените ќе бидат стандардизирани, секој кандидат го добива просекот од оцените на двата оценувачи. Со други зборови, ако вашата апликација добила 75 (стандардизирани) поени од оценувач А и 68 (стандардизирани) поени од оценувач Б, финалните поени ќе бидат 71,5. 

Втор круг

Во вториот круг се канат кандидатите кои се пласирале меѓу најдобрите во својот регион (Скопскиот, западниот или источниот регион) – со други зборови, ранкингот е определен врз база на перформансот на кандидатите во споредба со конкурентите од истиот регион. Точниот број на повикани кандидати зависи од бројот на апликанти од секој регион.

Во овој круг кандидатите се оценувани врз основа на индивидуалните интервјуа на македонски и англиски (или, доколку мајчин јазик на кандидатот не е македонски, само на англиски) како и групните активности. Секој оценувач врши евалуација на кандидатот во целина врз основа на истите шест основни критериуми дефинирани од UWC движењето, од кои секој носи 6 поени. 

Според овие критериуми можат да се освојат 36 поени. На крајот, бројот на освоени поени се претвора во процент, за да биде споредлив со успехот од првиот круг. На пример, кандидат со освоени 27/36 поени ќе има 75 процентуални поени во вториот круг. 

Трета рунда

Во третиот круг се покануваат најдобрите кандидати врз основа на композитната оценка од првиот и вториот круг. Истата се пресметува на следниов начин:

15% поени од првиот круг + 85% поени од вториот круг

Пример: Ако кандидатот Х имал 78 поени во првиот круг и 90 поени во вториот круг, композитната оценка би била: 0,15*78 + 0,85*90 = 88,2.

Во овој круг, кандидатите се оценуваат врз основа на нивното индивидуално Zoom интервју на македонски или англиски јазик. Секој интервјуер го оценува кандидатот во однос на истите пет основни критериуми дефинирани од страна на UWC движењето, од кои секој вреди 6 поени.

Исто како и во вториот круг, вкупниот суров резултат од третиот круг се претвора во процент за да може да се спореди со претходните две рунди. 

Финална ранг листа

Конечната композитна оценка за секој кандидат се пресметува на следниов начин: 

10% поени од првиот круг + 30% поени од вториот круг + 60% поени од третиот круг

Пример: Ако кандидатот Х имал 78 поени во првиот круг, 90 поени во вториот круг и 70 поени во третиот круг, комбинираната оценка би била: 0,1 * 78 + 0,3 * 90 + 0,6 * 70 = 76,8.

Кандидатите во третиот круг се рангирани врз основа на конечните оценки. Распределбата на понуди се врши врз основа на оваа листа, како и редоследот на преференциите изразени од страна на самите кандидати. Сепак,  Стипендиите се распределуваат исклучиво врз основа на изразените финансиски потреби

Пример: Кандидатот X е рангиран на прво место. Ова значи дека врз основа на рангираната листа, кандидатот добива  понуда на еден од колеџите. Но стипендијата се доделува исклучиво врз основа на докажаните финансиски потреби. Ако финансиските околности на семејството на кандидатот Х се такви што тие можат да покријат 10% од вкупниот износ на школарина, кандидатот Х  нема да добијат целосна стипендија. Наместо тоа, кандидатот ќе добие понуда за место со стипендија од 90%, но ако ја одбие, не постои гаранција дека ќе добие друга понуда.

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.