Како интернатски ученик, во повеќето UWC училишта ќе делиш соба со еден до четворица ученици од различни земји и културни средини. Твојата соба обично е дел од поголема резиденција или дом, кој ќе го делиш со други ученици и ментори кои живеат на кампусот – наставници и вработени. Заедно ќе си пружате поддршка и ќе станете семејство далеку од дома. Сите членови на оваа резиденцијална заедница – и ученици и возрасни – имаат различни животни искуства пред доаѓањето во UWC и имаат многу што да научат едни од други.
Иако секоја локација на UWC е уникатна, можеш да очекуваш слични простории надвор од училниците и домот: трпезарија, менза, кантинa или кафетерија (во зависност од јазикот и контекстот), библиотека, здравствени услуги, спортски сали, социјални зони и друго. Изгледот на овие простории зависи од училиштето – некои имаат базени и теретани, а други имаат музички студија или простории за изведувачки уметности.
Околината околу кампусот исто така варира. Некои училишта се сместени во природа – како на пример во планините на Махараштра, Индија или фјордите во Норвешка. Други се интегрирани во локални градови и села – со училници и домови распрснати низ градот Мостар (Босна и Херцеговина) или во местото Дуино (Италија).
Не се преправаме дека делењето простор – од спални до трпезарии – 24/7 со толку различна група луѓе е секогаш лесно. Ќе има несогласувања и интензивни моменти. Но преку сето тоа, ќе научиш како да се справуваш со разликите и ќе развиеш суштински животни вештини кои доаѓаат од живеење со луѓе кои, инаку, можеби никогаш не би ги сретнал. Ова ќе ги прошири твоите погледи и ќе ја зголеми твојата подготвеност за компромис – без разлика дали станува збор за политички ставови, дали се носат чевли во соба или која музика се слуша.
Како резултат, ќе се создадат пријателства што траат цел живот, заедно со способноста да се гледа подалеку од поделбите што ги создаваат државите, културите или социјалните групи. А преку заедничкото истражување на разликите во вашите идентитети, ќе имаш и можност за подлабоко самоспознание.