Многу училишта низ светот денес ја изучуваат International Baccalaureate Diploma Programme, наставна програма што ја промовира креативноста, активноста и сервисот како дел од своите основни барања.
Сепак, ние ги одиме нејзините принципи чекор понатаму.
Нашите разновидни училишни заедници ги охрабруваат учениците да истражуваат различни перспективи заедно со соучениците, наместо само да ги учат од книги и онлајн медиуми.
Ние ја истражуваме уметноста и културата на нашата околина и на потеклото на другите од прва рака и размислуваме како креативноста и имагинацијата можат да ни помогнат да го разбереме и промениме светот.
Нашиот фокус на општествена ангажираност оди далеку надвор од исполнување на барањата на IBDP или зголемување на шансите за прием на универзитет. Им помагаме на младите креатори на промени да откријат за што навистина им е грижа. Учениците учат како да ги претворат идеите во иницијативи, проекти и активности што можат да им помогнат на другите долги години по дипломирањето – и да ги трансформираат своите заедници дома.
Ова значи дека, како ученик на UWC, ќе градиш навики и вештини што не се само за во училиште, туку за целиот живот.
Нашите конкретни активности се разликуваат по училиште, бидејќи токму специфичната околина на кампусот ќе го одреди тоа што е можно и какви сервис иницијативи се потребни. Во исто време, мисијата и вредностите на UWC се во срцето на сѐ што правиме низ целото движење.
„Дури и ако не продолжиш со уметност, тука ќе научиш да размислуваш како уметник“
Уметноста и креативноста не се само способноста да насликаш или да свириш инструмент. Станува збор за дисциплина, соработка, имагинација и способноста да го изразиш она што го чувствуваш и доживуваш.
Во UWC, ќе те охрабриме да ја истражиш својата креативност и да ја канализираш во уметност, танц, фотографија, музика и други медиуми преку воннаставни активности, работилници и училишни настани. Без разлика дали сакаш да се изразиш гласно и јасно или тивко и внимателно, ќе имаш широк избор пред себе.
Истражуваме културата и занаетите на локалната средина и ти даваме самодоверба да настапуваш и соработуваш со други. Ова може да значи настап на сцена, учење историја на уметност, пишување за ученички весник, посета на културни локации или настапи пред училишната заедница и пошироко. Креативноста игра важна улога и во дизајн размислувањето за општествено влијание – нешто што UWC го развива кај сите ученици и што длабоко се поврзува со компонентата Сервис од CAS.
Не се работи само за натпревар. Ако сакаш да играш кошарка во друго училиште, можеби треба да бидеш одличен. Но во UWC, ако си одличен, ќе ги учиш и другите да играат. Тоа е средина каде што учиш, каде што е во ред да згрешиш – и добиваш шанса да се обидеш..
Секое UWC училиште се потпира на заедницата околу себе – и тоа важи и за спортот и физичката активност.
Ќе имаш можност да играш многу од спортовите што ги сакаш, од фудбал до кошарка и тенис. Многу ученици редовно ги користат фитнес просториите за кардио и тренинг со тежини, а сите UWC училишта имаат пристап до базени во и надвор од кампусот.
Надворешното образование е клучен дел од UWC искуството, па затоа максимално ја користиме природната околина. Во зависност од училиштето, тоа може да значи кајакарење, едрење, планинарење низ планини и тропски шуми, зимски спортови или едноставно тивки прошетки низ природа.
Активноста и вежбањето не се само важни за личниот развој и одговорност – тие се и клучни за рамнотежа и ментално здравје во динамична и предизвикувачка средина. Надвор од ѕидовите на теретаната, тие ни овозможуваат да ја истражиме нашата околина, да се поврземе со природата и навистина да го доживееме светот што нѐ опкружува.
Предпоставувам дека тоа е нешто што го носам со себе уште од UWC: енергијата да се бориш за работи, дури и кога се тешки или спротивни на очекуваното.
Нашата цел е секој ученик да сфати дека може да го искористи своето образование за да направи разлика – и да дејствува локално за глобални прашања. Тоа оди надвор од наставната програма и е дел од секојдневниот живот.
Во UWC, наставата ги охрабрува учениците да ги идентификуваат промените што можат да ги направат во светот. Им овозможува да размислуваат како да дејствуваат за да ги подобрат животите – индивидуално и заеднички.
Секоја година гледаме ученици кои покренуваат иницијативи што се справуваат со предизвици – од рециклирање и обновлива енергија до дијалог во заедницата и образование. Гледаме како ученици заминуваат со самодоверба да застанат зад своите убедувања и со вештини да ги претворат идеите во конкретни активности.
Нашите училишта имаат долгорочни партнерства со локални организации, овозможувајќи учење преку правење. Природата на овие можности се разликува од едно до друго училиште, според потребите на заедницата. Многу нови проекти настануваат секоја година токму од иницијатива на учениците – било да се насочени кон заедницата домаќин, било кон нивните матични заедници.
Во UWC, учениците повремено прават пауза од редовната настава за да се посветат на „Проектна недела“ или „Фокус ден“ – посебно време за учење преку работа на проекти за кои се грижат. Без разлика дали работат индивидуално или во тимови, учениците осмислуваат и реализираат проекти што ги одразуваат нивните интереси и вредности, често на теми како одржливост, општествена вклученост, креативност или интеркултурно разбирање. Ова е клучен дел од пристапот на UWC кон учење преку искуство, нудејќи простор за иницијатива, соработка и реална примена на идеи.
Дознај кои воннаставни активности ги нуди секое училиште