
Леона Лозановска
сака да биде разновиден
Неколку членови на Комитетот помуабетија со нашите новоизбрани ученици пред да ја започнат својата UWC авантура. Прочитајте и запознајте ги 🙂
Filter
сака да биде разновиден
сака да биде разновиден
Интервјуто што го имав со Леона за овој профил се одвиваше лесно и природно, најверојатно поради нејзината сестраност.
Секој пат кога во нашиот разговор ќе дојдев до заклучок дека сега подобро ја познавам и имам доволно материјал за нејзиниот профил, Леона, онака релаксирано, ќе спомнеше дека зборува 7 јазици и допрва почнува да учи Италијански.
Оваа нејзина сестраност и желба да проба нови работи ја мотивираше да аплицира на новата пилот-програма на UWC на Атлантикот, позната како „System Transformation Pathways.” (Koja што е делумно развиена од страна на Македонка, заменик директор на UWC Atlantic!) Целта на програмата е да ги изложи учениците на стратегии за системска промена – работи кои можат да ги прават за да постигнат општествени цели. (Програмата ќе ја комбинира со предмети како глобална политика, економија и англиски јазик и литература.) Како што и таа самата ми објасни, UWC е шанса да проба нешто ново и Леона сака максимално да ја искористи.
Средношколските денови ги поминала во Јахја Кемал, кадешто била насочена кон изучување на природните науки биологија и хемија, како и мноштво од уникатни воннаставни активности како Старогрчкиот клуб или Латино танци.
Нејзината љубопитност и проактивност за подобро запознавање на новата средината во која ќе се најде за неколку недели беа очигледни. Уште од сега Леона беше сигурна кои воншколски активности би сакала да ги проба на колеџот: неделното волонтирање на “Conversation Hour“ (час за муабет) во еден од бегалските центри во Кардиф. А знае и што би одбегнала: активноста наречена „Aтлантик Пацифик”, која вклучува сурфање, пливање и едрење во јануари во Атланскиот Океан (ладно е, луѓе!).
Повеќето ученици тргнуваат на UWC со цел да се пронајдат или откријат што би сакале понатаму во животот, па на прашањето „што понатаму“ очекував да слушнам нешто во овој стил. Но, Леона искрено ми одговори дека раснејќи нејзините соништа имале интересна патека: „сè од сонот да сум касиер во Tинекс до бизнисмен, астрофизичар, доктор, неврохирург, менаџер на синџир за хотели.” Со нејзини зборови, „во еден идеален свет каде што парите не се битни, Леона би готвела целодневно и студирала гастрономија во Италија.” Но, бидејќи реалноста е малку поинаква, Леона планира да продолжи да студира бизни менаџмент и меѓународно право и односи.
UWC на Атлантикот нема да е прво, а ни последно, меѓународно искуство за оваа средношколка. Mинатата година поминала 3 недели во Минхен, Германија на летен камп, а веќе го има посетено и Обединететото Кралство кога учествувала на еден меѓународен натпревар по англиски јазик во Лондон, од кој се беше вратила со неколку медали.
Нешто што многу ќе ѝ фали е славењето на родендените на секој од нејзните соученици со роденденска торта во Јахја Кемал. И самата добила торта на крајот од оваа учебна година – како збогум од соучениците. Мислам дека ладниот туш што секој традиционално го добива за роденден на UWC на Атлантикот, заедно со целата куќа собрaна во твојата соба на полноќ, дефинитивно ќе биде едно поинакво искуство.
Освен роденденските торти во Јахја, нешто кое што многу ќе ѝ фали ќе бидат и сармите на баба ѝ и сончевото поднебје на овие краишта. И покрај моите напори да ја убедам (а делумно и утешам) дека во Кардиф, Велс лесно ќе пронајде сарма, не ја убедив дека ќе најде многу сонце. Сепак, сигурна сум дека нејзината позитивност самата ќе донесе сонце и во најтмурните ќошиња во Велс.
Нела Честојанова, јули 2024
го знае Скопје
го знае Скопје
Летово, како припрема за посетата на Скопје од друштво на странци, размислував како еден град си го формира идентитетот. Скопје, низ својата историја, има поминато повеќе периоди на градење сопствен идентитет — како резултат на земјотресот во 63та, поскорешниот проект Скопје 2014, но и обидите на група млади да изградат убав град
Андреј не се гледал себеси како човек што ќе учи во далечно странство. Ми има смисла: приврзан е за Скопје (“многу го сакам родното место!“) — за историјата, за дружбите и, највеќе, за можноста за разубавување. Ако се прошетате низ некои од уличките на Скопје, можно е да видите резултати на уметничките потфати на Андреј и неговото друштво.
Графити-сцената во Скопје е составена од група уметници кои уживаат во шансата да произведат нешто што секој може да го види. Целта им е да ја разбијат монотонијата на градот. Алатките им се бои и креативна визија. Резултатот: помалку ѕидови кои стојат без никаква порака.
Нормално, не сите се согласуваат со ваквата самоиницијативна креативност (сепак, обично станува збор за јавни места!). Но Андреј смета дека овој вид на визуелна уметност е консистентен со пошироките обиди од најразлични уметници да се цени родниот град, без разлика на неговите маани. Видеото кое Андреј ни го прати пред третиот круг немаше единечна приказна. Напротив, вклучуваше кратки сцени низ улиците на Скопје, придружени од екот Староградска 2 (“Стар град 2”) – песна од скопската рап група Зад аголот (Зад аголот). Изборот на песна не беше случаен: целта беше да ги пласира активностите од видеото во контекстот на музичката (и уметничката!) историја на градот.
Освен графитите и музиката, Андреј е посветен и на филмографијата. Уште во основно покажал интерес за правење видеа, а годинава имаше шанса да снима филм за да го претстави училиштето. Со екипа од повеќе од 10 луѓе — режисер, сценограф, глумци — Андреј произведе и краткометражен филм. Темата на филмот? Секојдневните проблеми на млад новодојденец во Скопје 🙂
Тешко е кога дете кое е толку интегрирано во својата средина станува дел од UWC. Особено е тешко кога колеџот е толку далеку — UWC Li Po Chun во Хонгконг. Андреј го имаше рангирано на 15-то место на листата преференци заради далечината од Скопје. Ама Андреј не сака да ги пропушти можностите кои колеџот ги пружа: сериозно образование во визуелна уметност, шанса да искуси еден нов, многу поголем град, и запознавање со луѓе од целиот свет.
Скопје и Хонгконг се различни градови, да. Но Андреј веќе има придонесено кон идентитетот на Скопје — сега останува да остави белег и на Хонгконг.
Бобо Станковиц, јули 2024
знае да се справи со сè
знае да се справи со сè
“Јас го чував него, тој мене.“ Таков бил соживотот меѓу Леонтина и дедо ѝ, со кого таа почнува да живее на 10-годишна возраст. Порасната во Прилеп, Леонтина рано во детството искусува трагична дестабилизација: загубата на двајцата родители. Во обид да ѝ овозможи продолжеток на образованието во позната средина, дедо ѝ на Леонтина се сели од Скопје во Прилеп додека таа не заврши основно образование. Потоа, заедно се селат во Скопје, каде Леонтина започнува во Арсени Јовков. Кога мора да се збогува и со дедо ѝ, Леонтина станува дел од СОС Детското село – институција која поврзува деца со згрижувачки семејства.
UWC колеџот во Костарика има долга историја на соработка со СОС Детски села низ целиот свет. Пред формално да се придружи на UWC движењето, училиштето е познато како Colegio Internacional SOS Hermann Gmeiner (Интернационален СОС колеџ Херман Гмајнер), именувано по основачот на СОС Детските села. Гмајнер, Австриец кој ги искусил траумите на Втората светска војна, верувал дека на секое дете му е потребно стабилна средина во која може да го достигне својот потенцијал. UWC Костарика, согласувајќи се со визијата на Гмајнер и знаејќи ја истрајноста на ученици од СОС Детски села, “резервира“ ограничен број на стипендии за комитети што номинираат СОС кандидати кои успешно минале низ нивните селекциски процеси.
Фактот дека Леонтина морала прерано да порасне резултира во три карактеристики кои стануваат очигледни дури и при краток муабет.
Првата: Леонтина ноншалантно опишува задачи со кои скоро никој друг на нејзина возраст не мора да да се справува. „Ќе треба да отидам до Прилеп – да завршам нешто административно. Знаеш, пред да одиш на одмор ќе зачистиш дома за кога ќе се вратиш да ти биде убаво.“ (Во случајов, одморот е „двегодишно образование во странство“ а зачистувањето е средување на еден куп документи во банки, регистри и јавни претпријатија бидејќи скоро наполни 18.)
Втората: за да се справи со со тие задачи, Леонтина знае како и каде да побара помош. Кога треба да се обрати до Министерството за труд и социјала за некои преостанати документи, Леонтина пишува мејл до канцеларијата на Народниот правобранител. Тие ѝ одговараат и ѝ помагаат со случајот. Кога треба да собере документи за апликацијата за UWC, Леонтина се обраќа на администраторите на СОС Детското село, кои ѝ помагаат да извади нов пасош.
Третата: луѓето околу Леонтина сакаат таа да успее и инвестираат време за да помогнат. Згрижувачкото семејство со кое моментално живее се шегува дека, ако ѝ притреба нешто во Костарика, “не е проблем – ќе запалиме кола и тргаме.“ Менторите за нејзината пракса во секторот за човечки ресурси работат со неа за да ѝ објаснат можни кариери во полето, што ѝ помогна да ја развие љубовта кон оваа област преку стекнување практични вештини и поддршка. Членовите на комитетот разменија еден куп мејлови со колеџот за номинацијата да биде прифатена. Сите што ја имаат запознаено едвај чекаат да видат што ќе постигне.
Денес, Леонтина има еден куп интереси. Плива, оди на часови по соло пеење и настапува. Вежба во теретана, дел е од невладини организации, учествува во младински размини и работилници за социјално претприемништво. Пробала манекенство, а има и 200+ денови учејќи Шпански на Дуолинго за да биде спремна кога ќе пристигне во Костарика. Се збогатува со искуства.
„Ми фали,“ ми вели Леонтина за дедо ѝ – кој и во своите доцни 80-ти имал јасна смисла за хумор. „Листам низ стари албуми. Ама судбина е – не се бега од судбината.“
Бобо Станковиќ, јули 2024
се чувствува како дома
се чувствува како дома
Можеби веќе сте го слушнале изразот: ‘Штом ќе го загризате Големото јаболко (Њујорк) вашиот живот никогаш нема да биде ист.’
Барем за Мартина, тоа е дефинитивно точно. Мартина израсна во Радовиш, град со 15,000 жители кој не изгледа баш како Њујорк. Првите две години од средното образование ги поминува во интернат во Скопје, како дел од Американската гимназија, пред да замине на програмата за младинска размена во САД (YES). Првично имала намера, по завршувањето на средното образование, да се насочи во светот на информатиката. Но, патувањето во Њујорк минатиот ноември значително ѝ влијаело на нејзината страст, инспирирајќи ја да се фокусира на филм и кинематографија.
Како што самата Мартина ми раскажа за Њујорк: „Градот те инспирира да направиш нешто и да станеш некој“. И самата го бев посетила Њујорк за време на зимскиот распуст, па може да претпоставите дека Мартина и јас поминавме значително време разговарајќи за тоа што го прави овој град толку посебен, импресивен и извонреден – и зошто толку луѓе се чувствуваат како градот да им е дом.
Сепак, не беше само патувањето во Њујорк кое самостојно ја измени перцепцијата на оваа млада девојка; пресудна улога одигра и нејзиното запишување на воведниот час за видео продукција во првото полугодие во нејзиното средно училиште во Висконсин. Нејзиниот труд на овој час бил очигледен што инструкторот ја охрабрил да се префрли на напредниот верзија на часот. Очекувано е дека визуелните уметности ќе бидат еден од предметите што Мартина веќе ги има избрано за Меѓународната матура на колеџот во Чангшу. По матурирањето таа планира да продолжи да студира нешто во областа на уметноста или кинематографијата – можеби на Њујоршкиот Универзитет (NYU), или во Лос Анџелес.
Мартина веќе е запознаена со приспособливоста и издржливоста кои се потребни за да се биде далеку од дома, на различен континент и во друга временска зона. Живеењето во студентски дом во Скопје оддалечено на неколку часа од нејзиниот (прв) дом дефинитивно ѝ помогнало да се справи со носталгијата на почетокот кога заминала за САД. Како што таа се сеќава: „Се прилагодив подобро отколку што првично мислев дека ќе бидам“. Се враќала во Радовиш еднаш месечно — по што веќе била спремна за патот до САД.
Заминувањето да учи во Чангшу е само уште еден чекор напред за оваа средношколка. Размената на искуства во САД меѓу различните групи што ги запознала од целиот свет ја поттикна нејзината желба повторно да аплицира за студирање во странство, иако овој пат наместо 6 часа поназад, таа ќе биде 7 часа понапред во Кина.
Како што вели: нејзиното семејство и пријателите, заедно со мачката најмногу ќе и недостигаат. Сепак, со нетрпение очекува да се запознае со новата средина која ќе биде нејзин дом во следните две години. Еден од нејзините врсници веќе беше споделил 3-Д мапа на колеџот во Кина и веќе е вљубена во живописниот, современ кампус во Чангшу. На нејзината листа за претстојните две години во план ѝ е посетата на Кинескиот ѕид и футуристичниот Шангај што е само на час и половина со воз од Чангшу.
Сè што можеме да направиме е да ѝ посакаме две трансформативни години во новата средина и да видиме како Кина ќе го обликува нејзиниот пат во иднина.
Нела Честојанова, јули 2024
знае што сака
знае што сака
На селекциски тренинзи, кога ги спремаме новите членови на националниот комитет за оценување, често им кажуваме: „ако кандидатите се разликуваат од вас на 16 години, не значи дека не се добри кандидати!“
На 16 години, јас немав конкретна идеја што сакав да бидам. Ако некој ме прашаше што сакам да правам во животот, јас обично одговарав “муабет.“ Ако ептен ме боцнеа, ќе речев “адвокат“ (кариера што прави муабет). Ама подетален план — немав. Заради тоа, ме освежи разговорот со Александар — дете кое (согласно нашите критериуми!) не може да биде поразлично од мене на истата возраст.
Александар знае дека сака да биде доктор. Тој го знае тоа со години. И тој не само што знае, туку и активно работи за таа цел. Интересот бил поттикнат од гледање филмови за доктори, потоа прераснал во членство во Црвениот крст, а подоцна и во медицинско средно училиште. Како дел од наставната програма, Александар поминува време на хируршкиот оддел и му помага на медицинскиот персонал. Тој ги преврзува раните и помага во лечењето. Тој присуствувал на бајпас операција на коронарна артерија.
Сето ова Александар ми го прераскажува со комплетна ноншалантност — не бидејќи не му е гајле, туку бидејќи ова не е новост. Новост е за мене, секако, ама Александар знае дека сака да биде доктор. И затоа има направено план. Тој план првично го однел во стручно образование, а сега го носи во Норвешка, каде предметите ќе му бидат (нормално) биологија, хемија и психологија. Потоа, според планот, ќе оди на факултет, па на специјализација, па ќе се врати во Штип за да биде хирург — бидејќи знае дека хирурзи се потребни.
Не сакам да ви дадам впечаток дека Александар не е флексибилен. Напротив, има еден куп интереси — од француски канцони до вежбање во теретана до маркетинг. Има пораснато во Штип (“во истиот стан, на улица до паркот, мало место“), дете на родители кои работат во текстилната индустрија. Има учествувано на Еразмус проекти, на дебати, акции на Црвен крст… Детево е флексибилно со друштво, при муабет, на кафе. Но, како што ми кажа: “ако си флексибилен со плановите, не знаеш што сакаш.“ А, Александар Ангеловски знае што сака. Му останува само тоа да го постигне.
Бобо Станковиц, јули 2024
е искрен со сите
е искрен со сите
Кога Омар Сабух дошол од Сирија во Југославија во 1969-та година, причината била едноставна: да заврши технолошки факултет. Но судбината имала и дополнителен план: во истиот интернат, Омар ja запознал и Ленка Угриновска – се вљубил, оженил, и така натаму. Но Омар подоцна се вратил во Сирија, Ленка oстанала во Скопје, а потомците со текот на времето се распространиле насекаде. Делумно заради тоа, Дарин – 17-годишниот внук на Ленка и Омар – денес има еден куп тетки и чичковци ширум светот кои широкоградо нудат каучеви и гостински соби за посета.
Годинава не бев дел од селекцискиот процес, што значеше дека немав шанса да го запознаам Дарин пред нашиот муабет за овој профил. Во такви случаи, обично е потребно време за соговорникот да се опушти пред да можеме да нурнеме во семејната историја и слични, подлабоки теми. Но ми се чини дека за Дарин, искреноста е една од главните карактеристики, па не му беше потребно загревање. Едноставно почна да споделува.
Искрено споделуваше и анегдоти кои беа потешки. Кога го прашав за брат му Теон (кој пред некој месец наполни 7 години), Дарин отворено ми раскажа за првичните чувства на запоставеност. Теон се родил кога Дарин бил во петто одделение – турбулентен период и без додатокот на нов член на семејството – и Дарин се присети дека првин си помислил “Што бара детево тука?“ Но првичната љубомора бргу била заменета со љубопитство, и Дарин уште од сега знае дека збогувањето со брат му ќе биде најтешко од сите.
Дарин не бил секогаш отворен за своите чувства. Во средно училиште, тој не се вклопувал во својот клас и најчесто ги чувал своите мисли за себе. Тој слушал музика и го запишувал она што чувствувал за да му помогне да го обработи. Но, по предлог на неговиот татко, тој отишол во летен камп во осмо одделение. “Храната беше лоша и имавме 15 деца во соба, но кога се вратив во Скопје имав убава група на пријатели кои зборуваа за сè”. Кога започна со Орс Николов, Дарин почна да зборува – искрено и отворено, дури и со луѓе кои не ги познава толку добро.
Деновиве, Дарин се спрема за Норвешка. Работи на шанк и почнува да се збогува со луѓето тука, вклучувајќи ги и тетка му и нејзиното куче Зои. Веќе е во контакт со некои од децата кои ќе бидат во Норвешка. (Годинава на колеџот во Норвешка имаме двајца ученици и еден професор!) Прави планови за што потоа — го интересира Шпанија, ама отворен е кон сите опции. И највеќе од сè, прави муабет: со Гурра и Марија, кои веќе матурираа; со Васко и Ана и Андреј и Богдан и сите други ученици од нашиот комитет кои наскоро ќе полетаат; со родителите, кои се загрижени и среќни; и со Теон, кој ептен ќе му недостига.
Бобо Станковиц, јули 2024
мора да е активен
мора да е активен
Ќе бидам искрена: муабетот со Димитар ми беше закажан во 9 наутро, а јас не бев наспана. Се имав разбудено нецели 3 минути пред повикот и ми требаше време да влезам во ритамот на пишување профили. Но тоа не е пречка за муабет со Димитар. На моменти кога поспано пробував да артикулирам што сакам да го прашам, тој брзо ги надополнуваше празнините и додаваше негов креативен осврт.
Димитар е интроспективен. Кога и да му поставев прашање, во селекцискиот процес и за време на последниот муабет, тој размислуваше внимателно на момент пред да ми одговори. Одговорите му се секогаш промислени и го рефлектираат неговиот смирен процес на размислување. Уште во едно од неговите интервјуа тој искоментира за селекцискиот процес и што тоа нему му значи. За време на селекцискиот процес започнал да размислува за неговите навики во споредба со вредностите на UWC движењето и како подобро да ги адаптира – без разлика дали ќе добие понуда за школување. Го искористи овој пример да ни каже што почнал да променува и како сака да продолжи да се надоградува – почнал повеќе да чита, нешто што му било цел подолго време, и сака да продолжи да се надоградува во сферата на математиката. Освен тоа, оваа година се обидел да научи да игра валцер, па во тој дух и ќе продолжи да испробува нови работи на UWC.
Димитар ужива во патувања и споделување на култури – обожава да посетува нови земји и да учи за средините во коишто влегува. Тој смета дека најдобро учи за нови култури кога е директно изложен на нив – преку интеракции со локални луѓе, со оние кои патуваат со него и преку пробување локална храна. Овие искуства му имаат помогнато да биде отворен на побрза адаптација во различни услови и предизвици.
Тој не сака пасивност – Димитар е континуирано активен преку спорт и ментална гимнастика. Обично кога помислуваме на спорт, ни текнува на физичка подготвеност и активност. Она што Димитар постојано го нагласува е дека спортот му има помогнато да ја развие неговата компетитивност, но и му служи како ментален одмор. Нешто што го има обележано неговиот пресек од академска и лична активност е математиката. Учеството на натпревари и олимпијади ја карактеризираат неговата компетитивност, паралелно со неговата желба за континуирана активност и подобрување. Како јаготка на шлагот, кога бил мал се откажал од часовите по клавир бидејќи не му одело, но желбата да научи никогаш не му згаснала. Димитар ја обновува неговата љубов кон музиката како самоук ученик по клавир.
Секој дел од неговите интереси и карактеристики вешто се надополнуваат и преклопуваат во една целосна урамнотежена личност – неизморлива активност, постојани умствени предизвици, и севкупна лична и општествена надоградба. Трите дела од мотото на UWC Тајланд жарат во секојдневието на Димитар – Good Heart, Balanced Mind, Healthy Body (Добро Срце, Избалансиран Ум, Здраво Тело).
Јана Кралева, август 2024
зрачи со позитива
зрачи со позитива
Во разговорот со Ана си потврдив дека е секогаш загуба ако не ги запознаам новите ученици во живо. Ова ми е прва година да не можам да присуствувам на ориентацискиот камп, па немав шанса да си помуабетам без екран. „Многу ми е жал што не се знаеме лично“ – ми рече Ана – малку загрижено дека нема да го доживеам нејзиниот карактер доволно добро. Сепак беше лесно да ја препознаам позитивата која Ана ја носеше со себе низ целиот процес и за време на нашиот разговор. Таа е класичен оптимист – „верувам дека во сѐ има добро и се надевам дека сѐ ќе биде добро, бидејќи нема поента да мислиме на лошо“, рече Ана коментирајќи за нејзиниот поглед кон животот.
Во еден момент и дадов можност таа да ми постави прашање за што би ја интересирало кога би си ги замениле местата. Ана ме праша што најмногу ми значи во животот, па и јас ѝ го поставив тоа прашање. Не бев изненадена од одговорот, со оглед на тоа дека веќе зборувавме за блиските. Најмногу ѝ значи кога поминува време со семејството и друштвото. Таа вели дека од луѓето околу неа добива мудрост и знаење, а и дека може многу да се научи за човек од тоа со кого одбира да биде близок. Што друго би очекувале од некој дружељубив и комуникативен како Ана?
Тестамент за нејзината дружељубивост се и местата на коишто обожава да излегува – прошетки и сладолед во Градски парк на пролет и есен, кафичи кадешто има место повеќе луѓе да бидат на иста маса, и школскиот двор од основното училиште каде пораснала (отворено место со многу простор). На Ана ѝ е најубаво кога е во присуство на убаво друштво и позитивни луѓе, па затоа и местата кои ги одбира се пространи и дозволуваат да има повеќе простор за разговор.
Но, Ана знае да биде и критички настроена, секако како конструктивен критичар (пак на позитивната страна на нештата). Истиот школски двор вели дека е во многу лоша состојба и разбира зошто некој што нема сентиментална поврзаност со местото не би сакал да седи таму. Луѓе постојано ги кршат клупите и кантите, па ја нервира кога локалците не се грижат за околината и што наидува на пасивност кога сака да преземе нешто околу тоа.
Кога станува збор за UWC, Ана е возбудена за секој дел од искуството – од Меѓународната програма, до проектните недели и дружења. Уште од сега знае дека ќе зема биологија и хемија на високо ниво, бидејќи тие не ѝ се новост и ги изучува подлабоко од материјалот за училиште. Веќе некое време учествува на натпревари, а добила и трета награда на државниот по биологија – скромно вели „ништо wow, секогаш може подобро“ ама е горда што го прави тоа со љубов и посветеност.
Ова можеби ми беше и омилената реченица што Ана ја изусти, ама кога ја прашав што ќе спакува и земе со неа, ми рече „насмевката ќе си ја понесам, а другото ќе си дојде со време“. Можам да кажам дека ми е навистина жал што не се видовме, но впечатокот што ми го остави беше повеќе од доволен да потврдам дека Ана навистина зрачи позитива.
Јана Кралева, август 2024
е голема авантуристка
е голема авантуристка
Кога разговорате со Ива, добивате чувство како да разговарате со еден светски патник, кој што со многу интроспекција и емпатија ќе ви ги раскаже своите авантури низ светот. За секоја држава и за секое местенце што Ива ги има посетено, толку умешно и живо ги доловува, што без сомнеж по разговорот ќе добиете впечаток како и вие да сте патувале минатото лето низ Југоисточна Азија . Ива, не само што патува туку и ги доживува овие места на еден поинаков и уникатен начин, што толку живо го доловува во нејзините разговори, анализирајќи ги и регфлектирајќи на своите патувања, што без сомнеж ќе почнете да пребарувате летови до Малезија наредната минута.
Кон ригорозната и „страшна“ меѓународна матура Ива пристапува со леснотија, на оваа 16 годишна средношколка системот на меѓународна матура и е веќе позната територија, веќе од градинка.Израсната најголемиот дел од нејзиниот живот во Грузија, „официјален јазик“ кај неа дома е „смешна мешавина“ на словенските јазици: Македонски, Српски и Руски како што и самата раскажува. Со Ива може да комуницирате и на Грузиски кој што морала да го научи во 6то одделение, а со оваа средношколка лесно ќе се разберете и на Германски и за една година од сега на кинески, бидејќи на колеџот во Чангшу ќе изучува Кинески како странски јазик.
По матурирањето во Кина, Ива се гледа себеси во Америка. Или во Европа. Или можеби и во Кина. Би сакала да продолжи да ја изучува нешто во областа на нуклеарна eнергија и одржливост. Како што и самата раскажува,мојата креативност не се совпаѓа со ниту една канцелариска работа.“
Ива е возбудена за нејзината нова образовна авантура во Кина, иако можеби ѝ е малку жал што ги напушта професорите во нејзиното училиште во Грузија, за кои вели дека колку и да биле среќни што заминува, подеднакво биле и лути што ги напушта! Ќе ѝ фалат и пријателите кои уште од сега имаат покана да ја посетат во Кина, а исто и фамилијата Од UWC Чангшу имаат ограничување на 2 куфери, за кои што Ива уште од сега имаше испланирано што ќе стави во секој нив. Еден полн со алишта, а тој другиот полн со работи што и будат спомени и ќе ја потсеќаат на домашните и пријателите што ги напушта во Грузија. Нас ни преостанува да бидеме во исчекување колку куфери ќе и бидат потребни за да ги спакува сите спомени на крајот од оваа нова академска авантура.
Нела Честојанова, јули 2024
ги користи дадените шанси
ги користи дадените шанси
„Човек што секогаш си ја искористува шансата“ – вака Стефан се опишува себеси. Аплицирањето на UWC е мал пример за како тој го манифестира тој опис во секојдневниот живот – уште во едното од интервјуата ми кажа „ако не ме изберете сега, пак ќе аплицирам следната година“. По сѐ што научив за него, ќе се обидам да го преточам Стефан во текстуален формат, надевајќи се дека веднаш ќе се сложите со него и со мене.
Стефан сака да се обиде во сѐ – од најмали години има пробано тренинзи во повеќе спортови како карате, пливање, тенис, атлетика, па и хип-хоп танцување. Сепак, омилен спорт му е скијање… кога скија сам. Ова не е нешто што е карактеристично за Стефан ако ги погледнеме другите активности што ги практикува, но скијањето му дава шанса да се опушти и да ужива во негови рути и по негови услови. Дури и кога не е сигурен дали ќе ужива во нови искуства, многу му е важно во иднината да не се покае за работи што не ги направил. Овој муабет беше поддржан со искуство од Австрија, каде Стефан учествуваше на UWC краток курс. Веројатно на мајка му тоа ѝ е една од најнеомилените негови авантури – пливање во глечер (или ледник ептен по нашки, па самиот збор ви кажува колку било ладно). Настинката што поминала брзо е помалку важна отколку искуството и пријателствата што ќе ги памети засекогаш.
Иако не е главна тема на разговор, музиката му е многу важна на Стефан. Од мал посетувал часови за нижо музичко во Луј, каде почнал со клавир и пеење. „Не е дека имам толку развиен вкус на музика“ – скромно рече Стефан – „ама многу сакам да пеам – си правам смутиња во кујна и ме слушаат по дома.“ После завршување на нижото музичко, Стефан почнал да се учи да свири гитара. Класичната музика му се допаѓа, ама во последно време почнал да свири џез. Мислам дека џезот одлично се вклопува во карактерот на Стефан – можам да замислам колку упорност треба за да се учат џез песни.
Нешто што ми остави силен впечаток е енергијата и посветеноста што тој ја има. Ова се гледа и во неговото секојдневие, но и во мали моменти во разговор. Обратно од тоа како би се опишал самиот себе, за мене Стефан е супер муабетџија. Кога одговараше на прашања низ селекцискиот процес и во нашите неформални разговори, секогаш наоѓаше оригинален начин да го одржи муабетот, дали со интересни факти или препораки за сѐ и сешто – никогаш да не ти е досадно. Особено кога зборува за нешто што му е драго или нешто во коешто вложил многу труд, лицето на Стефан се осветлува и говори со насмевка. Кога го прашавме за неговото видео за третиот круг, веднаш почна да ни раскажува за процесот на размислување – „сакав да покажува дека сите авантури и приказни од минатото те прават она што си, па така ја добив идејата со CD-то како веќе застарен концепт, да зборува за она што било досега и како сум се развил во сегашниот Стефан.“ Со секоја реченица тој отвора простор да сакаш да го прашаш повеќе за неговите искуства, за да го запознаеш уште подобро.
Стефан е извор на позитива и сигурна сум дека ќе се вклопи во околината на UWC Adriatic – му претстојат уште многу шанси за авантури што тој несомнено ќе ги зграпчи.
Јана Кралева, август 2024