Јана Петреска
и како да се припаѓа на едно место
Оваа година, новите ученици разговараа со Кристијан Фидановски или Бобо Станковиќ, двајца од членовите на нашиот комитет. Повеќето од разговорите се случуваа во нивните познати средини – улиците на нивните родни градови или под сенка во локалниот парк. Се надеваме дека овие профили ќе ви помогнат да ги запознаете малку подобро 🙂
Filter
и како да се припаѓа на едно место
и како да се припаѓа на едно место
Јана дотрча пред статуата на Св. Климент на охридскиот плоштад некои 15 минути откако успешно го положи првиот дел од возачкиот испит. Задоцнила на полигонот бидејќи претходната ноќ ја чистела работната кошула, која ја носи како келнерка, откако на неа истурила цеден сок од портокал. Кога инструкторот, веќе пристигнат на полигон, сфатил дека Јана ја нема, се јавил на вујко ѝ, кој и заѕвонил на мајка ѝ, која ја барала Јана — која, секако, била целосно заспана. Затоа, мајка ѝ се јавила на фината и грижлива комшика која ѕвонела на ѕвончето и тропала на вратата додека Јана конечно не се разбудила за да стигне на полигон и да положи .
Африканската поговорка вели “потребно е цело село да се израсне дете“, а “селото“ на Јана е градот Охрид — место со долга историја и место на УНЕСКО листата на светски културни и природни наследства. Јана е Охриѓанка која навистина го познава родниот град. За време на 45-минутната прошетка, Јана запре да се поздрави со барем седум различни луѓе, шегувајќи се дека тоа се случува бидејќи го има пробано секој можен спортски клуб во околината. Кога спортот не е доволен, Јана знае да биде гитаристка и рокерка, готвач кој ги прави најдобрите палачинки во Охрид, креатор на дело насловено “уште еден филм од режисерка кој нема да биде номиниран за Оскар“ и — доколку се сомневавте во нејзиниот охридски кредибилитет — има земено и часови за риболов. Толку добро го познава Охрид што сега вози велосипед околу целото езеро само за да најде нов агол од кој може да го види градот.
Нормално, кога познаваш едно место толку добро како Јана, почнуваш да воочуваш и некои од неговите маани. Дел од нив ги кажува на шега — ме советуваше дека Оригиналните охридски бисери обично не се оригинални, ама жителите добиваат процент од продажбите за да не им кажуваат на туристи. Дел се суштински — добар дел од Охриѓани се селат, па дури и брат ѝ на Јана сега живее и работи во Скопје и само понекогаш се враќа да го абсорбира мирот на езерото. Жителите што остануваат се соочуваат со недостаток на работни места и ризик за загуба на природното наследство.
Јана нема решено точно како планира да ги реши проблемиве, ама има размислено за неколку опции. Прво помислила на медицина, ама образованието во UWC Ватерфорд ќе го започне во јануари (колеџот се наоѓа во јужната хемисфера), па ќе има 20 години кога ќе заврши со искуството и доста повеќе кога би станала доктор. Размислила и за инженерство — можеби нешто со градежништво, слично на брат ѝ. Но јас бев највоодушевен од нејзината идеја да навлезе во светот на готвењето. Јана има забележано дека нови ресторани понекогаш се појавуваат низ Охрид, но мисли дека тие често не успеваат да ја опфатат авентичноста на градот. Затоа, би сакала да зборува со бабите во нејзината заедница, па да создаде еден Охридски ресторан со локална книга со рецепти. Можеби и ќе вметне некои идеи и од кујната во Есватини. Охридски ресторан со локална книга со рецепти. Можеби и ќе вметне некои идеи и од кујната во Есватини.
Бидејќи има цело полугодие до почетокот на нејзиното UWC искуство, Јана досега немаше шанса да избере предмети или да ги запознае идните соученици. Мислам дека тоа е во ред; ќе има доволно време да се внесе во UWC меурчето зимава. Дотогаш, има шанса конечно да го види Охрид со нови очи — знаејќи дека наскоро ќе замине, но решена да се врати.
Бобо Станковиц, јули 2021
и како да се избегнат случајности
и како да се избегнат случајности
Околу 18:40, дваесетина минути пред закажаниот почеток на една од инфо-сесиите за овогодишниот селекциски процес, добив мејл од Зум. Бернарда Малевска се придружи на твојот состанок. Сакајќи да избегне каков било проблем — и да се осигура дека се’ оди по план — Бернарда го тестираше линкот долго пред да започне сесијата.
Неколку недели подоцна, откако веќе беше избрана, наидов на Бернарда на Националното дебатно првенство (јас обсервирав – таа учествуваше). Бев доста изненаден: за време на нејзините интервјуа, таа ни немаше спомнато ништо за дебата, а сега ја слушав како се натпреварува во полуфиналето на турнирот, и тоа во нејзината прва година дебатирање. И како тоа да не беше доволно, тимот на Бернарда се состоеше од само два члена , иако сите нивни противници имаа по три. (Изгубија во полуфиналето, но јас мислам дека тоа беше само затоа што двајца членови на спротивниот тим исто така беа избрани да одат на UWC).
Како ѝ успева сево ова? Накратко, не ѝ недостасува подготовка. За време на нашата прошетка во Парк — на која јас поранив 6-7 минути само за да видам дека Бернарда е веќе пристигната — детално ми ги објасни аргументите за укинување на патентите за вакцини против Ковид-19 (по што веднаш ми ги понуди и контрааргументите). Бернарда очигледно имаше истражувано; или, со нејзини зборови, едноставно сакам да знам. Можеби тоа го добила од разговорите со татко ѝ, кого ужива да го слуша кога ѝ зборува за историја, или мајка ѝ, која ентузијастично ѝ го поддржувала новиот интерес да научи да свири клавир. Се согласивме дека татко ѝ би бил подобар тренер по дебата, а мајка ѝ би била подобра наставничка на UWC.
Веројатно полето врз кое Бернарда има најмалку контрола е спортот. Таа е огромен фан — започнала да следи тенис со татко ѝ, па тренирала одбојка осум години (факт кој не ми го спомна додека конкретно не ја запрашав). Во моментот е една од веројатно десетина Македонци кои активно следат Американски фудбал. Како голем фан на Патрик Махоумс, сигурно не беше воодушевена кога Chiefs изгубија од Buccaneers во финалето на Super Bowl, особено бидејќи најдобриот ѝ другар мисли дека Брејди е подобар играч. Ако моравте да изгуглате дел од параграфов, можете да замислите како јас се чувствував за време на прошетката!
Бернарда дозна дека ќе оди на UWC Robert Bosch College на нејзниот роденден. За малку и немало да ја крене слушалката кога ѝ заѕвонивме — рацете и биле полни со намирници за малата дружба која ја испланирала. Возбудена е да ги види алпаките и овците, веќе ги има избрано предметите, и ме распрашуваше за моето искуство. Најкорисниот совет што го понудив беше да внимава околу електричната ограда, иако мислам дека е премногу зрела за да ги повтори моите грешки.
На првиот ден во „Орце Николов“, Бернарда не знаела никого во нејзиниот клас. Ама не е човек што чека добрите работи сами да се случат. Па, ѝ пришла на една девојка, ја прашала сакаш ли да седиш со мене?, и го започнала своето прво средношколско пријателство. Немам сомнеж дека истото ќе го направи и во Фрајбург во август.
Бобо Станковиќ, јуни 2021
и потпирање на околинатa
и потпирање на околинатa
Видот на мед од едно пчелно семејство зависи од неговата околина. Ако сандакот — дрвена кутија која функционира како нивен дом — е ставен, на пример, близу до реката Вардар, пчелите работнички ќе имаат пристап до најразлични цвеќиња кои уживаат во отворената, влажна средина. Резултатот ќе биде светол, ливадски мед. Доколку, пак, сандакот е ставен меѓу дрвја, во затворена средина, пчелите ќе произведат потемен, шумски мед. Каде и да се, пчелите ќе ги искористат можностите околу нив — па ако нема доволно цвеќе во една средина, лесно може да се „преселат“ за да го достигнат својот потенцијал.
Нела има израснато во Кавадарци, на крајот на градот, во дел за кој се пошегува дека дури минатата година добиле улично осветлување. Им помага на родителите-пчелари уште од мала, па можеше сликовито — буквално, со слики на телефонот — да ми ги долови нијансите на занаетот. Досега го има искусено скоро секој дел од макотрпниот процес на правење мед, од правењето рамки и формирањето шестаголници (во кои пчелите го складираат медот), до ставањето на медот во центрифуга која го дели од восокот (што пчелите го користат како пакување), до преместувањето на сандаците од едно опкружување во друго (за пчелите да добијат повеќе пристап до полен).
Како и пчелите-работнички со кои често си има работа, Нела има извонредна способност да го извади максимумот од нејзината околина, па дури и да придонесе кон нејзината промена. Не сум запознаен со активност во Кавадарци која Нела ја нема барем пробано . Карате. Танц. Пијано. Стрелаштво. Драма. Кога можностите ѝ се пружени, Нела ги користи, а кога не се, спремна е самата да ги создаде. Има основано гранка на Fridays For Future движењето во родниот град, работејќи да ја запознае нејзината заедница со ефектите на климатските промени. (Дел од нив ги има искусено и нејзиното семејство, бидејќи повисоки температури често значат помалку мед.) Освен преку организацијата, на друштвото влијае и на лично ниво: нејзините пријателки сега носат сопствени кеси кога купуваат од продавница.
При крајот на деветто одделение, кога било јасно дека нема доволно ученици во Кавадарци за да се формира јазична паралелка, Нела отишла во Велес и се запишала во стручното средно училиште, со план да стане медицинска сестра. Таа одлука значи дека Нела веќе има искуство од живот во интернат, и дека веќе има научено дека е потребен континуиран труд за да успее, особено кога нема некој да ја потсети да си ја заврши работата. Затоа, верува дека е спремна за хемија и биологија на UWC, иако е отворена да се пронајде себеси и да испроба низа нови предмети.
Во август, кога ќе пристигне во Велс и ќе ја започне својата прва година на UWC Atlantic, Нела можеби ќе се придружи на пчеларскиот клуб. Можеби и нема; тој свет ѝ е веќе познат. Без разлика што ќе одлучи, едно нешто е сигурно: оваа Нела-пчела-работничка сега се сели во средина со многу, многу повеќе цвеќиња. Едвај чекаме да видиме каков мед ќе произлезе од селидбата.
Бобо Станковиќ, јуни 2021
и тешко заслужените насмевки
и тешко заслужените насмевки
Знам дека ова го кажуваме за сите наши ученици, ама во овој случај е ептен точно: да се разговара со Ана Марија е како да се разговара со возрасен. Секогаш кога ќе направам некоја самокритична шега за сите глупави нешта што сум ги правел на UWC кога сум бил на нејзина возраст, таа одмавнува со рака. Е ааааако де, млад си бил, ќе ми рече. Не сум сигурен дека себеси се смета за млада, барем не во онаа надмена смисла на зборот. Прилично сум сигурен дека е во право.
Речиси низ целиот наш разговор, Ана Марија има неутрален израз на лицето. Не знам дали секогаш ѝ е вакво, но сакам да верувам дека ѝ е. Ова не значи дека таа никогаш не се смее, туку дека секоја нејзина насмевка треба да се заслужи (како што реков, не е дете!). Значи и дека не се чувствува непријатно, што исто така ја разликува од повеќето од нас, било деца било возрасни. Ана Марија просто не чувствува потреба да го „хајпне“ разговорот. Таа сака нештата да течат по својот тек.
А сепак, во еден момент, додека Ивана ни раскажува нешто, Ана Марија ја чека да заврши и одеднаш гласно заклучува: „Ивана, ти си неверојатна личност!“. Да, ваквата топлина кај Ана Марија треба да се заслужи. Што ја прави уште помоќна кога конечно ќе исплива на површина.
За време на селекцискиот процес, Ана Марија беше од оние (ретки) апликанти кои се толку лесни за оценување, а толку тешки за интервјуирање.
„Ана Марија, кажи ми, кога би можела да го предаваш својот омилен предмет, кој предмет би го предавала?“
„Не е важно кој предмет, туку како би го предавала“.
„Хммм ОК, а кажи ми, дали во скоро време имаш гледано некоја серија што не ти се допаднала?“
„Не е важно дали не ми се допаднала, туку зошто. Прво мораме да утврдиме дали сум имала објективен проблем со серијата, или едноставно не ми била по вкус.“
„Хммм, е па добро…“
Да, јасно ви е што сакам да кажам. Меѓутоа, да не се разбереме погрешно, Ана Марија не ги избегнуваше нашите прашања, туку ги проблематизираше, а такво нешто добиваме само од нашите најсилни апликанти. Да го земеме за пример одговорот за омилен предмет, кој всушност гласеше отприлика вака:
„Не е важно што би предавала, туку како. Без оглед на предметот, би им дала на учениците прво тие да зборуваат и да го изразат сето она што погрешно го научиле, за потоа заедно да го побиеме. Нема логика да се предава ако не е воспоставена цврста основа.“
Додека ги слушав нејзините интервјуа, сфатив дека Ана Марија е човек што успева да каже повеќе со зборување одошто повеќето луѓе успеваат со пишување. Секој нејзин збор е одмерен, секоја реченица заслужува да биде цитирана. Еве што Ана Марија има да каже за… па, за животот: „Ништо не *мораме* да правиме, тоа е и поентата. Прашањето е што сакаме да правиме, што бираме да правиме, за што сме пасионирани. На тоа треба да се фокусираме“.
Ана Марија ќе оди на UWC Li Po Chun во Хонгконг. Тоа е воедно и првиот UWC колеџ за кој имала прочитано нешто, па изгледа ѝ бил судбина (макар што таа никогаш не би кажала вакво клише, овој дел го додадов јас). Ана Марија слуша корејски поп, па дури и зборува малку корејски – секако, откако сама се научила.
Последниве две години, Ана Марија го поминува времето помеѓу Македонија и Хрватска, откако нејзините се иселиле таму по работа. Кога е во Скопје, таа живее со баба ѝ и дедо ѝ (можам само да замислам како тоа изгледа, со оглед дека Ана Марија користи барем по еден англиски збор во секоја реченица). Ана Марија делува толку самостојно што барем за неа не се двоумевме ни секунда дали да ја испратиме на другата страна на светот. Таа вели дека веќе знае (иако сите велевме така, а сепак…) што сака да студира (меѓународна бизнис-дипломатија), па дури и кои предмети треба да ги слуша од Меѓународната матура за да успее во тоа.
Понекогаш, Ана Марија звучи како некој што човек навистина не би се осмелил да го изнервира. Секогаш кога зборува за општествени прашања, таа звучи вознемирено. Но, тогаш ќе ја загледаш поубаво и ќе видиш како ѝ светкаат очите. И веднаш сфаќаш дека Ана Марија е човек што може цел живот да го помине на исправање неправди, а сепак да биде среќна. И тоа среќна баш затоа што го одбрала потешкиот пат низ животот. Па, има ли подобро место за ова од UWC?
Кристијан Фидановски, јули 2021
и спој на неуморност со несебичност
и спој на неуморност со несебичност
Ивана е од оние луѓе за кои ти се чини дека се постојано во движење, дури и кога стојат. Во видеото што ни го испрати како дел од селекцискиот процес, Ивана се шета во парк, се мота низ чаршија и се слика со споменици. Кога ја запознав малку подобро, сфатив колку всушност темата на видеото била соодветна: Ивана е човек што никогаш не престанува да истражува.
„Има ли нешто од што не беше задоволна кај себе во вториот круг?“, ја прашавме Ивана за време на финалниот круг.
„Па, на моменти ми се чинеше дека се тркав со тоа што го мислев и со тоа што ми излегуваше од уста, така да дефинитивно би била малку посмирена сега.“
„Нееееее“, ми дојде да се развикам кон екранот. Зошто би сакала да се отараси од особина за која други можат само да сонуваат? Токму таа неуморност, меѓудругото, е она што ја прави Ивана посебна, иако таа можеби не е свесна за тоа. Впрочем, како инаку би смислила една толку убава метафора како „тркање со мислите“ среде интервју?
Понекогаш ми се чини дека Ивана функционира според посебна временска скала – некоја во која денот има повеќе од 24 часа. Еден мајски викенд, се двоумев дали е добар момент да се видиме бидејќи знаев дека има испити за крај на година. Ама на Ивана тоа воопшто не ѝ пречеше: испадна дека таа недела и онака ќе волонтира на филмски фестивал, па што ја кошта да „утепа“ уште некој саат. Испадна и дека нашла време да прочита за најпознатите алумни на UWC Mostar, да ги разгледа биографиите на членовите на нашиот селекциски комитет, па и да присуствува на нашиот родителски состанок, иако тој беше наменет за… па, родители ☺
Како што веќе можевте да сфатите, Ивана целосно живее во духот на UWC уште пред воопшто да стапне на кампусот во Мостар. За разлика од некои други наши ученици, кои сè уште не ни стапиле во контакт со своите second-years (учениците од четврта година), Ивана веќе се договара со Весна да купат фрижидер (мислам дека за ова се зафркаваше, ама па кој може да знае со Ивана). Инаку, првото нешто што ни го кажа на интервју беше дека чита романи на српски. Ете, изгледа ја испративме на вистинскиот колеџ. А кога ќе стигне таму, Ивана планира да се фокусира на англиски јазик и книжевност, визуелна уметност и меѓународна политика.
Ајде сега да се вратиме на видеото од почетокот на текстов. Иако темата беше „ова сум јас“, видеото на Ивана беше за – Скопје. Прилично чуден избор за во апликација за учење надвор, си помислив. Но, три минути подоцна, сфатив дека штотуку сум го гледал најдоброто од преку 50 вакви видеа кои ми поминале низ раце последниве години. Сепак, се прашував дали Ивана се плаши дека можеби ќе го протолкуваме видеото како потенцијален аларм за носталгија?
Од таков страв секако немаше потреба, бидејќи видеото всушност и не е за Скопје, ниту пак за кое било конкретно место. Тема на видеото е повторно таа постојана раздвиженост на Ивана. Иако се работи за видео на тема „ова сум јас“, камерата ретко кога ја покажува Ивана во крупен кадар. Со оглед на силниот уметнички афинитет на Ивана, ова бездруго не е случајност. Влегувајќи и излегувајќи од десетици прекрасни кадри расштркани низ Скопје, таа остава своја трага врз секој од нив. Пораката е дека Ивана не е ништо повеќе – или поточно, ништо помалку – од збирот на местата на кои се наоѓа и нештата кои ги прави за или со луѓето околу себе.
И навистина, нејзината несебичност е безгранична. На пример, кога на крајот на интервјуто ја прашавме дали има таа нас да нè праша нешто, Ивана сакаше да знае како може да му се приклучи на селекцискиот комитет откако ќе матурира. Леле бе, Ивана! <3
Инаку, во видеото „ова сум јас“ се слуша песната на Нина Спирова, „Зборувај ми за Скопје“. Еден од стиховите гласи: „најсреќен си само дома“. Нам ни останува само да чекаме Ивана да го испреврти ова мото наопаку и да го претвори целиот свет во свој дом. Прва станица: UWC.
Кристијан Фидановски, јуни 2021
и карактерните контрадикции
и карактерните контрадикции
Ако некој ме прашаше да се опишам во периодот кога — во далечната 2013-та, на моја 15-годишна возраст — дознав дека ќе одам на UWC, јас ќе понудев многу одговори. Премногу одговори. Доволно за да зборувам за себе со часови. Еве го, за контраст, одговорот на Георгина на слично прашање: „Не сакам да се опишувам себеси до толку. Не мислам дека можеш толку да се дефинираш самиот себеси… Мислам дека луѓе многу грешат кога се опишуваат, бидејќи што и да кажеш нема да е целосна вистина“. Можете да си претставите дека пишување профил за девојка која ужива во двосмислености не е најлесната задача.
Мислам дека Георгина избегнува да се категоризира бидејќи, всушност, има неколку Георгини кои излегуваат на виделина во зависност од околностите. Првата верзија ја воочив уште во ноември, кога го прочитав креативниот есеј во нејзината апликација. Во него, Георгина опишува ТВ шоу каде научници се обидуваат да си најдат животен партнер и затоа се додворуваат со фрази како јас мора да сум алкален метал, а ти мора да си халоген, бидејќи би сакала да оформиме (јонска) врска! Ваква е Георгина во опуштени околности, кога себеси би се опишала со англискиот збор goofy. Ова е верзијата која беше присутна во голем дел од нашата прошетка (и која, откако се излизга на мократа земја, од сесрце се изнасмеа).
Но, понекогаш, можеби ќе се сретнете и со меланхоличната Георгина. Ова е верзијата на средношколката која длабоко размислува за нејзините чувства и која уште на рана возраст одбивала покани за играње надвор бидејќи преферирала да бои сама. Не е зачудувачки што во оваа форма, Георгина почнува да пишува поезија, па при крајот на првата година од средното образование успева да издаде збирка поеми. Поезијата ја има опишано како “духовен протест и единствена вистинска магија што ја поседува човештвото“, и со тој пристап твори стихови како:
„…Често разговарам
прашално со водата
барајќи ѝ да ме вдоми
во своите солени одаи
а таа често ми враќа –
вивнувајќи ме во воздух…“
Двете Георгини можеби изгледаат како да се во конфликт. Опуштената, нели, се внурнува во разни предизвици — во петто одделение, гордо испеала самокомпонирана песна пред наставничката по музичко, пред да биде културно замолена повторно да се обиде да се приклучи на хорот следната година. Интровертната, пак, собира спомени, од белешките од првата дебата, до билети за музеи и разгледници. Повеќето ги чува во тетратка, ама некои — часовник што му припаѓал на поетот Анте Поповски — имаат посебно место на нејзината полица.
Мислам дека Георгина избегнува интерен конфликт бидејќи одбива да прифати само една категоризација, одбива да се опише како само едно нешто. Има согледано дека е возможно — всушност, можеби и корисно — да прифатиш понекогаш контрадикторни идеи. Можеби таа способност е заслужна за дебатните успеси на Георгина, која лани победи на Националното дебатно првенство, а годинава беше второпласиранот говорник.
Токму затоа што може да биде многу работи одеднаш, верувам дека Георгина ќе има формативно искуство на колеџот во Канада. Сигурен сум дека ќе излезе од него со многу материјал за идна поезија, а во меѓувреме, ќе ја наполни својата тетратка со разгледници од целиот свет.
Бобо Станковиќ, јуни 2021
и стремежот кон подобро
и стремежот кон подобро
Ако разлистате низ веб страната со работни места во Обединетите нации, ќе забележите дека бараат неколку чести карактеристики: освен суштинско познавање на некоја тема, од помош е да познавате јазик (или четири), убаво би било ако имате искуство во мултикултурни средини, и бонус поени ако сте полни иницијатива. Ако, во блиската иднина, ОН реши да нуди работни места на петнаесетгодишни средношколки, читајте го текстов како препорака за Софија Грибовски.
И детството на Софија делумно наликува на Обединетите Нации. Родена е и израсната во центарот на Скопје. Некаде во трето одделение, кога мајка ѝ ја известила дека се селат, Софија нормално прашала, каде, во Аеродром? Одговорот бил малку подалеку — брзо потоа, семејството се сели во Алмати, Казахстан. Таму, Софија била ставена во училиште каде наставниот јазик бил руски, па морала да се снајде со мајчиниот македонски и англискиот што го научила од цртани филмови. Една година подоцна, баш кога почнала удобно да говори руски, повторно дошло до преселба. Овојпат дестинацијата била Пекинг, каде Софија живее последните шест години. (Нашиот Нацонален комитет секоја година се обидува да го промовира UWC на деца надвор од Скопје; со 7500 километри до Кина, се шегуваме дека обидите ни се очигледно многу успешни.)
Со оглед на мултикултурното детство — досега, со неа имам разговарано на македонски, англиски, и мојот базичен кинески, ама слушам дека зборува и француски — не е изненадување дека ја влече кариера при ОН. На нејзината прва конференција на Модел обединети нации (симулација на дебатите во вистинската организација), Софија се соочила со силна конкуренција. Се присеќа на постар делегат кој веројатно забележал дека била почетничка (започнала уште од седмо одделение), па често решавал да ѝ ги критикува идеите. Софи се сеќава на искуството не бидејќи е лута (напротив, уште се слуша со делегатот!), туку бидејќи ѝ покажало што треба да направи за да се подобри.
И тоа не’ носи до централниот, мотивирачки фактор во животот на Софија. Свесна е дека нејзиното искуство е невообичаено, и решена е да не биде без полза. Гледам дека сум во привилегирана позиција — колку луѓе никогаш не добиле ваква шанса? Затоа си велам, не можам да дозволам ова да биде залудно. Насред испитната сезона, Софи била голман во училишниот фудбалски тим (што, впрочем, не ѝ е ни омилениот спорт; таа исто така игра одбојка). Бранејќи слободен удар, ја скршила десната рака и сепак продолжила со испитите. (Без грижи, тимот победил 7-1.)
Ослонувајќи се на оваа непопустлива мотивација, Софија ќе оди во UWC Чангшу. Заради пандемијата, нејзиното искуство ќе биде доста необично: повеќето ученици од странство не можат да пристигнат на кампус, па бројот на ученици ќе биде помал во нејзината прва година. Сепак, како секогаш, Софија планира да го извади максимумот, а уверена е дека нејзината втора година ќе биде исто толку мултикултурна колку што UWC треба да биде. Во меѓувреме, ќе работи да се подобри. Планира да се фокусира на литературе и филозофија во наставната програм, со желба подоцна да студира право.
Има еден куп проблеми со кои светот — а и Обединетите нации — ќе треба да се соочи во претсојните децении. За тие обиди да бидат успешни, ќе бидат потребни многу талентирани и промислени идеалисти кои работат заедно. Не би бил зачуден ако, за некоја година, Софија е една од нив.
Бобо Станковиќ, јуни 2021
Љубопитност
Љубопитност
Љубопитност
Додека разговараме, Артан се движи од една идеја до друга. Тој е начитан и принципиелен 17-годишен: низ муабет, го анализира филмот “Snowpiercer” (метафора за социјална сегрегација) и ми кажува за политичките теории за развојот на демократијата.
Неговата приказна започнува во Морани, село во предградието на Скопје. Тој израснал во мала заедница, каде што сите се познаваат. Начинот на кој тој го опишува своето село потсетува на друга мала заедница: UWC. Во Морани, поголемиот дел од детството го поминал во ценење на природата. “Кога бев мал, одгледувавме лубеници”, ми вели тој. Го радува можноста да ја одржи врската со родното село за време на неговиот престој во Сингапур.
Пред да се качи на автобус во 6 часот наутро до „Зеф Љуш Марку“, неговото училиште во Скопје, Артан често одел на прошетка. Гледајќи го изгрејсонцето го смирувало (“после него секогаш чувствував мир во себе”), што често било многу потребно.
Артан обожава да чита. Во својата апликација, тој вели дека книгите го научиле “да слушам пред да зборувам”. Желбата за учење доаѓала одвнатре, иако околностите не биле секогаш соодветни. Но тој нашол начини и ја искористил својата љубов кон читањето за да создаде заедница околу него. Во седмо одделение, Артан ја донел книгата “Хари Потер” со него на училиште. Повеќето од соучениците го гледале филмот, но не знаеле дека “Хари Потер” е базиран на серија на книги. Артан предложил да читаат заедно. Со ова, била создадена група на студенти заинтересирани за читање, а некои ученици дури отишле со него во библиотеката во Скопје за да позајмуваат книги.
Иако не е познато кога ќе пристигне на UWC – Сингапур го замрзна процесот на добивање визи – Артан има јасна визија. Тој ги знае неговите предмети (вклучувајќи ги глобалната политика, физиката, како и неговиот мајчин јазик, албанскиот) и можеби сака да студира на универзитет во САД. Американската наставна програма, каде што можете да учите многу полиња истовремено, ја буди неговата љубопитност. Го прашав дали планира да се врати во својата татковина. Без двоумење, ми вели “апсолутно да”. Имаме многу да направиме овде во Македонија, вели тој, особено во образовниот систем. (Брзински ми листа неколку предлог-реформи — вклучувајќи намалување на бројот на предмети и дополнителна обука за наставници.) “Ние го избираме лесниот начин кога одлучуваме да емигрираме, наместо да останеме во нашата татковина и да работиме за да ја промениме”, ми рече тој. Но промената често бара жртва. Како што рече претседателот Џон Ф. Кенеди, “Не прашувајте што вашата земја може да направи за вас..” Артан се надева дека и другите ученици кои имаат можност да завршат средно во странство исто така ќе се вратат во својата татковина. Како што завршувавме, го прашав Артан каков совет би си дал за иднина. Тој одговори кратко и јасно, “Немој да ги заборавиш своите цели”.
Комуникација
Комуникација
Марија верува во моќта на комуникацијата.
“Не се работи за тоа колку големи зборови користите, или колку е долга реченицата”, вели Марија, на нејзин типичен аналитички начин. Минатата година, нејзиниот тим го освои националното првенство во дебата, но таа не запре. Продолжи да се натпреварува и оваа година, а на 18 јуни, Марија беше прогласена за најдобра средношколска говорничка во земјата.
Растејќи, 17-годишната дебатерка сакала да се вклучи во заедницата, но за жал, понекогаш контекстот тоа не и го дозволувал. “Ме фрустрираше кога гледам дека треба да имаш 18 години, или да си во средно училиште, за некаде да се придружиш. Ќе си помислев: ‘како така јас не можам да го направам ова?’” Нејзината вклученост во заедницата продолжува низ целото средно образование: “Така почнав да ги формирам своите мислења и да се развивам како личност”. Поради искуствата што ги имала, Марија е фантастичен муабетџија: зборувавме на теми кои се движат од исландскиот еп што таа моментално го чита, до придобивките од практикувањето јога.
Оваа година, Марија беше асистент-инструктор во Младинскиот образовен форум (МОФ) и сака да продолжи да прави нешто слично на Нордискиот UWC на Црвениот крст. “Кога правам нешто, го правам затоа што уживам во тоа… Секоја воннаставна активност од која сум била дел сум ја избрала бидејќи ми се допаднала и била нешто што сум го сакала”. Иако дебатата е причината зошто таа се приклучила на МОФ, истомислениците таму се причината поради која останала.
За Марија, има огромна разлика помеѓу мислите и начинот на кој ги комуницирате. Затоа таа им се восхитува на музичарите и авторите кои лесно ги изразуваат своите мисли. Раперот Кендрик Ламар, на пример, “знае како да ја пренесе својата поента во неговите песни без да ве натера да се чувствувате нападнати”. Низ муабет за “Да се убие подбивна птица” ми рече “многу луѓе имаат “точни“ идеи. Но вистинската вештина лежи во тоа како ги изразувате. Јас ги споделувам мислењата на Харпер Ли, но не би знаела како да ги формулирам на истиот начин. Тоа е толку убава вештина – да изразиш мисла и другите луѓе да ја разберат”. Се разбира, Марија скромно се воздржа од споменување дека самата може мошне вешто да комуницира, иако судиите на дебатата очигледно веднаш тоа го сфатиле.
Норвешката амбасада сè уште не почнала да издава визи, па Марија не е сигурна кога точно ќе може да стигне до нејзиниот колеџ. Веќе размислува за неколку алтернативи. “Секогаш сакам да имам различни опции. Јас не сум тип на личност која е врзана за рутина, поради што претпочитам да имам многу резервни планови наместо еден.“ Таа веќе се одлучила за предметите кои ги зема: глобална политика, историја и англиска литература на повисоко ниво. “Знам дека нема да биде лесно, но, на некој начин, сè е предизвик. Не можам да избегнам тешки теми… Не би сакал моите опции да бидат ограничени само затоа што бев премногу мрзлив да уча повеќе”.
Марија не е сигурна што ќе прави во иднина, но што и да е, сигурна е дека тоа ќе вклучува помагање на луѓето. “Треба да знам дека она што го правам е, на некој начин, корисно. Не сакам да работам само за да можам да ги плаќам сметките. На крајот од денот, сакам да се чувствувам како да имам моќ да направам разлика. Сакам да знам дека сум направила нешто што влијае позитивно на другите луѓе. ”
Интроспекција
Интроспекција
Весна е интроспективна.
Додека раснела во Валандово со две сестри, Весна имала многу време за размислување. “Мислам дека кога луѓето го слушаат ‘Валандово’, тие мислат на град, но тоа е навистина доста рурална средина. Ние имаме булевар, но кочии влечени од четириноги животни го користат секој ден”. Пред неколку години, нејзините сестри пронашле неколку беспомошни мачиња на нивната улица. “Моравме да се грижиме за нив, но моите сестри заминаа во странство, а мачињата останаа со мене. Научив за хранењето и грижата поради нив”. Во овој контекст, Весна разви чувство на емпатија кое се протега надвор од животните.
“Единственото нешто што знам дека нема да се промени е дека хуманитарната работа ќе биде дел од она што ќе го направам. Помагање на луѓето, животните – тоа е она за што сум заинтересиран”. Седумнаесетгодишната средношколка длабоко размислува за нејзината улога во заедницата. Иако скромно спомна дека не знае како ќе се вклопи на колеџот во Мостар, Весна знае дека ќе ја искористи можноста да придонесе кон местото каде што пораснала. “Имам намера да се вратам дома. Ако секој само размислува да оди на “подобро место” и да не помогне да се подобрат работите на местото од каде што дошол, навистина нема смисла. Мојата цел е да се образувам подобро и да се вратам во заедницата каде што пораснав. Дефинитивно имам намера да живеам овде”.
Поврзаноста со околината околу неа е особина која произлегува од нејзиниот семеен контекст. Уште на рана возраст, Весна почнала да ја цени уметноста. Свири на гитара и пее. Заинтересирана е и за фотографија и сликарство, бидејќи нејзините татко и дедо уживале да сликаат. “Тоа не ми беше наметнато, тоа беше само уметничка форма која беше достапна, она што можев да ја видам… Стана еден вид хоби да фотографирам пејзажи и да ги сликам реалистично колку што можем. ” Поради ова, Весна ќе ги зема визуелните уметности заедно со политиката и англискиот јазик во Мостар.
Весна е уникатно интроспективна. Таа вели дека има една мана: “Не сум особено отворена да зборувам со луѓето за себе додека не ме прашаат нешто”. Сепак, таа отворено зборуваше за нејзината претстојна транзиција во Мостар (“иако верувам дека сум добро организирана, мислам дека сето тоа ќе се промени штом стигнам таму”), за нејзиниот однос со нејзините сестри (“без нив, јас немаше да бидам личноста што сум денес”) и за нејзината тенденција да се потценува себеси (“пропуштив работи кои можеа да станат дел од мојот живот само затоа што мислев дека нема да успеам.”)
Поминавме голем дел од разговорот зборувајќи за суровоста кон животните. Весна лесно се противеше на тестирањето врз животни (спомна дека почнала да ги развива своите аргументи додека се обидувала да ги убеди своите сестри) и често се враќа на нејзината основна мотивација: јасен морален компас. Весна се грижи за животните, како и за нејзината заедница, “бидејќи тие се живи суштества! Многу е едноставно.”